
АНТОЛОГИЈА НА АНТИЧКАТА ЛИРИКА
цена: 1000 ден.
Онлајн нарачки:
„Антологија на античката лирика“ претставува обемен избор од песни кои се
создадени во Античка Хелада и Рим. Песните се пренесени во препев, најчесто во автентичниот ритам на кој се составени старогрчките и латинските оригинали, кои биле пеени во придружба на инструменти или рецитирани, исто така, со музичка придружба. Станува збор за еден разновиден корпус во кој се опфатени речиси сите досега преведени и објавени песни од антиката на македонски јазик, кој е дополнет со нови препеви на песни пронајдени на папируси или на други медиуми, а кои не се дел од постарите изданија. Со тоа, ова издание создава целина што првпат ја обединува поетската традиција на античкиот свет.
Во воведните студии и белешки за Хеленската лирика, чиј автор е Весна Томовска (со исклучок на означените делови напишани од Елена Колева), се разјаснуваат жанровите и книжевните контексти на античката лирика – елегијата, јамбографијата, меликата и хорската песна – како и нивното влијание врз подоцнежните книжевни периоди. Воведите за Хеленистичка лирика и Римска лирика се дело на Даниела Тошева, која ги разработува особеностите и развојните линии на поетските школи во доцната антика.
Биографиите на авторите се дело на приредувачите на антологијата, кои го заокружуваат ова дело како своевиден книжевен документ за развојот на уметноста на зборот и почетоците на поезијата како духовна и културна вредност.
Антологијата е наменета и за студентите, и за љубителите на класичната
книжевност, и за секој читател што сака да го чуе живиот глас на древните поети.
Приредувачи: Весна Томовска, Даниела Тошева, Војислав Саракински
Препеви од старогрчки и латински: Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ, Методија Тасевски
Издавач: ИД-Концепт (Чудна шума)
Импринт: Чудна шума
Категорија/жанр: Поезија; лирика
Едиција: Древна корија
Формат: Б5
Повез: тврд
Број на страници: 552
ИСБН: 978-608-4938-96-5
Година на издавање: 2025

Напишете коментар