од Николина Ќорвезироска

Морето се разбуди од сон мала ѕвезда удри во ѕвон: – Олимпијада морска ќе има, спремете се – октоподот ќе снима. Зракоперка риба – коњче за прв воден танц се јави сега е во љубовно фазонче со елеганција си слави. Сабјарка дојде да се мечува, никој во тоа не ја спречува, на сабја медали сака да ниже, а од умор на едно око миже. Ајкула – кит е фина дама, нема обзир кон секој, плива сама, со сабјарка реши сили да мери, поглед лежерен кон неа впери. Медалот лански му блеска силно, на јато делфини им е милно, скока вешто салто прави, некој мисли дека делфинот се дави. Сепијата со будно око, гледа сè на широко, гледа, свири, запишува и од место на се помрднува. Олимпијадата зеде друг тек, сите се преместија на горен ред, на бранот што го качија со кран, морска крава сурфа со еден корморан. И мразот пукна на глас, китот грбав го изви својот стас. Со голем скок од скокалница и за тоа си доби пофалница. Бескрајна е морската шир, сите животни беа во дилема, Олимпијадата им донесе мир, а кој награда прва зема? Се играше така неколку дена, морето фрлаше чудна пена, водниот спорт ги измори вешто, а животните сонуваа сè и сешто.
Илустрација: Матеј Јордановски