Од шумите на Европа, Раскази, Списание „Чудна шума“
Напиши коментар

Чичо Mичо

од Ања Штефан

(од книгата „Лулашка за сите“)

Кога си беше чичо Мичо млад, тој секогаш беше расположен за шега и за игра. А денес – како да танцува, кога едвај стои?Си седи на клупата и гледа во далечина: „Стар сум, стар“ – си мисли. „Да не беше гитарава, досега ќе се скаменев“ – ете така, си свири и си мрмори, а времето му врви не толку осамено. Си потпевнува, па заборава што пее и пак одново:

– Ќе одам в гора,
по жива вода,
ќе пивнам голтка,
ќе замине болка…

– Навистина? – се зачу глас од под клупата.

Чичо Мичо погледна и виде дека пред нозе му стои еден стар стаорец.

– Ах – замавна – тоа е само песна…

А стаорецот му врати на старецот:

– Добра е, добра – и почна да ракоплеска. – Ајде, ќе ја извежбаме. И да не донесеме жива вода, песната ќе развеселува. Како почнува?

– Ќе одам в гора…
– Секако не сам.
– По жива вода…
– И лонче имам…
– Ќе пивнам голтка…
– Ќе намокрам опаш…
– Ќе замине болка…
– И сиот свет е наш…

Си пеат, си свират, a стаорецот удира и тропа по клупата.

Ги дочу полското глувче.

– Музика, музика – зацивкува, и ете го, трча, пука со прстињата и врти дајре.

Од грмушката погледнува мачката која веќе неколку години живее во дивина. Внимателно приседнува до нив, го вади свирчето и засвирува, прекрасно, со тенок звук и со душа. Долго време не се дружела, но се снаоѓа некако… Ежот го чу свирчето. Ја фати трубата и, о-хо-хоо, почна да свири!

Верверицата ја чу трубата. Скокна од среќа и отрча по својата стара цитра. Вака никогаш сама од себе не почнува да свири, но ќе засвири ли некој, сметајте на неа.

Дотрча и песот скитник, си седна на купот дрва и ја растегна хармониката. Добро, одвреме-навреме ќе прескокне некоја клавиша, но кој да му забележи. Чичо Мичо сигурно не! Се собраа во голем број – едни свират, други пеат. Светулките светат и квечерината продолжи во ноќ.

Се гушкаат, иако пред малку едвај се познаваа. Чичо Мичо, пак, гегави меѓу нив и добродушно кимнува со главата. Тој е пресреќен секојпат кога ќе се направи забава.

– Можеби е за последен пат – си мисли. Ништо не мудрува и никого не учи, иако е најстар. Само тогаш, кога утрото полека ги раздели, рече:

– Видовте, на сите ни беше убаво. Јас сум овде сам, и кога ќе ви дојде… па знаете, си сакам дружба.

Потоа се разотидоа, секој по својот пат, само песот скитник никаде.

– А ти? – праша чичо Мичо.

– Не знам… и самиот гледаш дека сè потешко се движам, често ми студи, не сум веќе млад…

– Ќе останеш? – праша чичо Мичо, а песот кимна со глава.

– Не плаши се од ништо. Ќе биде поинаку, тоа е сигурно, ама сигурно нема да ни биде здодевно. Не можеш да си претставиш каде сè нема да одиме. Ооо, каде што ќе посакаме!

И почнаа. Чичо Мичо запеа, а песот го придружуваше. Запеаја за далечните места што ги знаеја и за таквите што сè уште не ги виделе. За силните јунаштва пееја и си искажуваа пријателство. Обата без заби, но со авантуристички дух.

– Ако ние не можеме во светот, тогаш светот ќе го донесеме кај нас – се насмевна чичо Мичо, нежно дрнкајќи на гитарата. Сè уште сме живи, сè уште сме тука.

Е така знае чичо Мичо. Умее со зборовите и за секого го наоѓа вистинскиот. Стар е, ама осаменоста ја победува и кај себе и кај другите.


Превод од словенечки јазик: Дарко Спасов

Илустрација: Катерина Николовска


© Ања Штефан. © Чудна шума, за оваа објава. Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на овој текст во целост ниту во делови.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s