од Магда Ориѓанска

На кејот од реката среде магли, студен ден шеташе кучката Бозо кога од зградите одекна рефрен. Балет од Чајковски, срцето веднаш ѝ шепна, па застана таа во поза плие, рас, два, три, скокна ко да летна. И сè беше добро, кога одеднаш крик, отровен смев! Се пресече Бозо, крзното ѝ буфна, се набабри во ликот, заличи на туфна. Зад дрвото се клештеше кучката Лајка, шепата ја вперила, се созеде и рече: „Живи смешки Бозо си сета, ко да не си куче, ко да си од друга планета. За балет треба крзно мазно, опаш мал и става вита ти не си балерина, туку крзнена шампита!“ Ох, штом Бозо слушна, се воспали, а увцето ѝ пркна, но се исправи брзо, замижа па кажа: „Слободно викај ме шампита, дури ако сакаш наречи ме КРЕМпита. Лај си само така, ќе ти мине цел час каква ме гледаш, таква ти си, а не јас!“
Илустрација: Сања Симоска