Мувата и антропоцентризмот

Мувата и антропоцентризмот

кон графичкиот роман „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов


Пишува: Ана Јовковска

 

Ова е романот на една вечна мува со еден непостојан свет. Среде сета оваа џунгла од Спајдермени, Тарзани, Микимауси, Пајопатори и слично, во сета таа Ноева Арка на стрип-културата, влегува со тресок една мува (Георги Господинов и Никола Тороманов).

 

И би една мува! И што би напишала јас повеќе од мувата на Георги Господинов?! Неодамна, Билјана Црвенковска ми го даде да го рецензирам трагикомиксот „Вечната мува“ од  Георги Господинов и Никола Тороманов, бугарски тандем (или трио) составен од еден писател, еден сценограф и уметник... и една мува. Во нивното книжевно-визуелно брмчење се вметнува и поетот и книжевен рецензент Душко Крстевски кој книгата ја преведе на македонски јазик. Се разбира, зад сите тројца успешни мажи стои една мува во лет и чека да биде прочитана нејзината приказна. Всушност, во секој графички роман се крие приказна која понекогаш се декодира повеќе низ илустрациите отколку низ зборовите. Во овој, балансот помеѓу наративното и визуелното е совршен! Естетиката на Тороманов одлично ја следи иронијата и меланхолијата на текстот на Господинов, а притоа и двајцата совршено ја следат перспективата на мувата која го поместува човекот на маргините. Мувата на Господинов е набљудувач на целата човечка историја и уметност. Тоа е, всушност, главниот пресврт на книгата, каде што човекот и неговите дострели (идеолошки, политички, уметнички) се посматраат како илузии. Имено, оваа наша мува ги демистифицира големите наративи и храбро ги подрива востоличените историски и уметнички вистини. Станува збор за антиантропоцентричен поглед на авторите кои низ филозофска, етичка и еколошка позиција го отфрлаат верувањето дека човекот е во центарот на светот. Скромната мува со толку краток животен век (сите знаеме дека домашните муви во просек живеат од осум до дваесет и осум дена) го надживува целото историско минато, го анализира низ иронија и ни покажува дека човекот не е централното и најважното суштество во универзумот. Мувата како главна хероина и маргиналната позиција на човекот ја превртуваат историјата наопаку, па наместо војни, кралеви и револуции, ја следиме хрониката на светот низ еден обичен лет. Критичарите посочуваат дека интелектуалниот хумор ја прави книгата многу повеќе од обичен забавен стрип – таа е комплексен омаж за историјата на уметноста. Всушност, преку егзистенцијата на една мува го следиме парадоксот на минливоста и вечноста. Неизбежно се отвораат прашањата за малите нешта, среќата и смислата, како и трагата што ја оставаме на овој свет.

За миг ќе мине младоста, со болестите и староста и во земја ќе сме…

After a pleasant youth, after a troubling old age the earth will have us...

Несомнено, делото е оригинално, свежо и бунтовно. Но, зошто Георги Господинов одбрал токму едно толку антипатично, па дури и омразено суштество како мува за главен протагонист? Можеби затоа што авторот често ја одбира позицијата на солидаризирање со послабиот, отфрлениот или Другиот. На овој начин тој смело го крши човековото его и им дава глас на замолчените. Од една страна, проткајува емпатија, од друга страна, апсурдност. Приказната е истовремено смешна (комикс), но и длабоко тажна (трагедија). И сите овие филозофски концепти одлично се надополнети во секој стриповски манир. Атмосферата и точката на посматрање се во преден план. Минимализам и чувство на апсурд. Всушност, сликите на Тороманов личат на минијатурни театарски сцени или филмски кадри. Некаде прочитав дека за потребите на овој долгогодишен проект, којшто започнал како серијал во списанието Едно, Тороманов нацртал неколку десетици илјади муви и со право има намера да конкурира за Гинисовата книга на рекорди во овие категории.

Содржината на трагикомиксот е поделена во тринаесет поглавја и низ нив читаме за битието, за индустријата на смртта, за знаењето и маката, за мувата на импресионизмот, мувата на мавзолејот, Европа, сецесијата, консумеризмот, злото, Арт Нуво, Мувополис, Андалузиската мува, Мувенштајн, Древната мува и за Чов-екоооот. Колку за илустрација, еве еден цитат:

Едно декемвриско попладне во 1895 година, додека дремев на чаша бургундско вино во Гранд-кафе, пристигнувањето на еден воз среде кафеаната ме извади од памет. И тогаш сфатив дека новиот век штотуку слегол на станицата. А браќата Лимиер му ги носат ролните ленти и му ја буткаат количката. Ги оставив локалите и театарот на 19 век и летнав да бутнам и јас. Да подадам крило за киното, кое само што проодуваше. Во почетокот беше мрачно и тивко, немо, ама какво кино во мракот...

Ако сте „фан“ на Господинов тогаш треба да знаете дека првата мува се појавува во неговата дебитантска збирка песни „Лапидариум“. Со излегувањето на „Природен роман“ мувата станува меѓународна. Потоа ја гледаме како прозујува во неговите збирки раскази и во романите „Физика на тагата“, „Засолниште во времето“ и „Градинарот и смртта“. Само како потсетување, книгите на Господинов се преведени на 35 јазици. Навистина вреди во вашата библиотека да се конзервира овој ироничен омаж за уметноста и поп-културата „Вечната мува“ (Чудна шума, 2025) во голем формат (238 х 323 mm) и со тврд повез, на 80 страници, па, секогаш кога ќе треба да ви пролета мува за да ви ја разбистри главата во врска со големата човечка илузија ќе може да ја пуштите во слободен лет.

Назад кон блогот

Оставете коментар

Ве молиме имајте предвид дека коментарите треба да бидат одобрени пред да бидат објавени.