Преведувачки разговори: Ели Пујовска
Во денешниот „преведувачки разговор“, фламанската писателка Хеа Схутерс (авторка на романот „Трофеј“), направи кратко интервју со преведувачката Ели Пујовска за својот блог, а ние го пренесуваме на македонски во целост.
Разговарала: Хеа Схутерс
За да го прославам фактот што моите книги во изминатата година — а и во годините што следат — беа преведени на толку многу јазици, решив да ги интервјуирам сите свои преведувачи. Зашто нивната работа премногу често останува во сенка, а и самите тие најчесто не се доволно експонирани — иако една книга во странство може да биде добра само онолку колку што е добар нејзиниот превод. Нивната вештина, истрајност, лингвистички талент, креативност и прецизност се тие што се грижат книгата да ја задржи својата душа: ритамот да остане жив, прозата да тече, значењето да не се помести и духовитоста да не се изгуби. Во најдобар случај, преводот може да ја направи книгата дури и подобра отколку што била. Бидејќи и самата повремено преведувам, тоа многу добро го знам: преведувањето е занает (често и недоволно платен) кој бара ангелско трпение, кој знае да биде исклучително тежок, фрустрирачки, но и да донесе длабока сатисфакција. А тоа заслужува многу поголемо внимание.
Затоа, еве го — мојот омаж за преведувачот.

Како започнуваш со превод?
Покрај следењето на класичните преведувачки правила — читање, запишување можни проблеми и решенија, анализа, повторно читање, проверка — имам и една навика: секогаш читам или гледам интервју со авторот. Тоа ми овозможува да навлезам во духот и карактерот на писателот, чиишто глас сакам да го пренесам како наратор на приказната.
Дали соработуваш блиску со авторот — или не?
(И зошто? Кои се предностите и недостатоците?)
Понекогаш наидувам на збор, мисла, реченица или став за кои ми е потребна помош од авторот, и доколку е можно, секогаш со задоволство ја користам. Но има случаи кога текстот е толку јасен и недвосмислен, што можам непречено да продолжам. Предноста на комуникацијата со авторот е во тоа што многу полесно се наоѓаат вистинските решенија во преводот, за разлика од решавање на двосмисленост без можност да се стапи во контакт со авторот — како при преведување класици, кога процесот е подолг и потежок. За мене, преведувањето е како читање однатре — кога се обидувам да влезам во умот на авторот и од таму аналитички да го согледам текстот.
Можеш ли да уживаш во книгата додека ја преведуваш? Дали преведувањето ти го менува начинот на читање?
Мислам дека е многу поубаво да се доживува книга во превод, отколку да се прочита како краен производ, затоа што додека го читам текстот на изворниот јазик, пред мене се одвива филм — и благодарение на вистинските зборови, тој филм може да биде еднакво, па дури и поубаво доживување и за читателите кои ја „гледаат“ приказната во себе. Тоа значи дека квалитетот на преводот навистина влијае врз начинот на кој се доживува раскажувањето.
Кој жанр најчесто го преведуваш? Кои автори ти се најблиски? Како дојде мојот текст до тебе?
Најчесто преведувам постмодернистичка литература, но и голем број современи романи. Со повеќе од седумдесет книги преведени од холандски на македонски, имав чест да ги пренесам гласовите на навистина извонредни автори, како: Луис Куперус, Антон де Ком, Бенедикт де Спиноза, Херман Кох, Корин Дујвис, Герт ван Истендал, Сис Ноотебоом, Кадер Абдолах, Хеа Схутерс — и многу други. Трофеј ми беше доверен на превод од издавачката куќа „Чудна шума“ во Македонија.

Што ти беше најубаво во преведувањето на моето дело, а што најтешко? Кои беа предизвиците, тешкотиите, можностите? Која сцена од книгата ја „проколнуваше“?
Најмногу уживав во живописните описи на старите мудрости и знаења што тлеат на древниот континент — Африка. Тежината лежеше само во очекувањето да го пренесам тоа чувство понатаму, до читателите. А сцената што ја „проколнав“ беше онаа со ударот по главата на !Нкате со стап.
Со кои тешки избори се соочи и како се справи со нив? Што е поважно за тебе - ритамот и бојата, или прецизноста и значењето?
Како што кажав, мислам дека во ова дело навистина успеав да се „вовлечам под кожата“ на авторот, па текстот течеше непречено — од почеток до крај. Ценам дека, тие два аспекти — ритамот и прецизноста — се неразделни, но ако морам да изберам, тогаш токму ритамот и бојата се тие што ја определуваат прецизноста и ѝ даваат вистинска смисла на реченицата.
Дали преведувањето е уметност (и прашање на инспирација) или повеќе занает (односно, вештина)?
Преведувањето е вештина која, со напорна работа, се претвора во уметност.
Зошто стана литературен преведувач? Кои се особините на еден добар книжевен преведувач?
Одлуката да му се посветам на книжевниот превод ја донесов по мојот прв превод — книгата на Ане Провоуст „Розата и вепарот“, за која ја добив наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината. За да се долови гласот на авторот кој пишува на еден јазик и тој да се пренесе на друг — оставајќи речиси невидлива трага од самиот процес на пренос, односно создавајќи исто значење во речиси сосема поинаква форма — потребни се:
љубопитност, методичност, рационалност, аналитичност, логика, креативност, интуиција, јасни и изразени чувства, емпатија, флексибилност, знаење, посветеност, внимание и такт. А можеби, над сè, потребна е љубов и почит кон сопствената работа — способност да се вреднува преводот според неговите сопствени квалитети и недостатоци, создавајќи квалитетен превод што гордо може да се спореди со оригиналот. Во својот најуспешен облик, преводот овозможува да се роди сосема ново книжевно дело — истовремено зависно и независно од изворниот текст што го инспирирал: дело што не му се потчинува на оригиналот, ниту се натпреварува со него, туку му додава внатрешна вредност и оригиналност, оддавајќи му почит преку еден динамичен процес — преку привилегирана форма на читање, што може да го осветли изворниот текст и да ја пренесе неговата енергија во нов контекст.
Биографија:
Ели Пујовска (родена 1971) е професионален преведувач на книжевни дела од холандски и фламански јазик, со повеќе од седумдесет преведени книги на македонски. Таа е уредник во издавачката куќа АНКХ, со над петнаесет години професионално искуство како акредитиран преведувач при Холандската книжевна фондација (Nederlands Letterenfonds).
Добитник е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината — за книгата „De roos en het zwijn“ („Розата и вепарот“) од Ане Провоуст, инспирирана од оригиналната верзија на Џанфреско Страпарола („Убавицата и ѕверот“), заснована врз книгата на француската авторка Жан-Мари Лепренс де Бомон, објавена во 1756 година.
Член на комисијата „ВАВИЛОН“ – награда за најдобар млад преведувач (2018), како и учесник во бројни книжевни преведувачки проекти поддржани од програмата Creative Europe на Европската Унија.
Проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
![]()
