Преведувачки разговори: Јордана Шемко-Георгиевска
Во денешниот „преведувачки разговор“ ни гостува Јордана Шемко-Георгиевска, која во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ од албански јазик го преведе романот „Ќерките на генералот“ од Мимоза Хиса и сликовницата „Скокотливата куќа“ од Рудина Чупи.
Со Јордана Шемко-Георгиевска разговара Билјана Црвенковска.
Во рамки на проектот „Планета НАДЕЖ“ ги преведовте сликовницата „Скокотливата куќа“ од Рудина Чупи и романот „Ќерките на генералот“ од Мимоза Хиса. Кажете ни по нешто за секоја од овие книги: како би ги дефинирале и кому му се обраќаат?
Да, токму така, во рамките на проектот „Планета НАДЕЖ“ имав можност да работам на две дела, и ми беше чест што ми ја дадовте довербата за преведување на овие дела токму мене. Овие две дела, иако жанровски и тематски се различни, ги поврзува една важна тема, човекот, неговите чувства, стравови, надежи и потребата од разбирање.
„Скокотливата куќа“ од Рудина Чупи би ја определила како нежна, разиграна и имагинативна сликовница, која преку детскиот поглед отвора простор за разговор за емоциите, сигурноста, домот и начинот на кој децата го доживуваат светот околу себе. Таа им се обраќа пред сè на најмладите читатели, но верувам дека е книга која има што да им каже и на возрасните, особено на родителите и оние што работат со деца. Оваа книга би рекла, и воопшто, литературата за деца е најголем предизвик при превод, барем за мене, бидејќи не треба само да се преведе буквално туку и да се влезе во светот на најмалите.

Додека, „Ќерките на генералот“ од Мимоза Хиса, пак, е роман со многу посложена и подлабока структура. На некој начин имам „среќа“ што сум го живеела и јас во тој период за кого станува збор во книгата. Во романот се испреплетуваат лични приказни, семејни односи, историскиот и општествениот контекст, како и прашањата за идентитетот. Книгата треба да се разбере подлабоко, и да размислуваме какви последиците оставаат големите општествени случувања врз човекот. Тоа е роман што бара внимателно читање

Секоја книга претставува своевиден преведувачки предизвик. Кои преведувачки предизвици вам ви се најинтересни?
За мене, најинтересни се оние предизвици во кои не е доволно само да го пронајдете точниот збор, туку треба да ја пронајдете точната емоција, ритам и атмосфера. Кај сликовницата, голем предизвик е јазикот да остане едноставен, разбирлив, разигран и природен, особено кога станува збор за игра со зборови што имаат посебен ефект во оригиналниот јазик. Кај романот, предизвикот е поинаков. Таму треба да се зачува авторскиот стил, психологијата на ликовите, атмосферата и културниот контекст, а притоа текстот на македонски да звучи како вистинска книжевност, а не како превод. Особено ми се интересни токму тие места каде што двата јазика не се совпаѓаат целосно и каде што мора да се донесе внимателна одлука, што да се задржи, што да се пренесе поинаку и како да се постигне истиот ефект врз читателот.
Книжевниот превод најчесто се дефинира како одново испишување на еден текст, но на друг јазик. Како балансирате меѓу оригиналниот глас на авторот и јазичната и културолошка адаптација која е нужна за делото да се приближи до македонската читателска публика?
За мене, книжевниот превод е превод на една култура во друга. Преведувачот не само што треба да го познава јазикот, но многу добро треба да ги познае и двете култури. Преведувачот не треба да биде невидлив, но не треба ниту да го наметне сопствениот стил врз авторскиот. Мојата задача е да го почитувам гласот на авторот, изборот на зборови, начинот на градење на ликовите и атмосферата, но истовремено да се запрашам како истиот текст би звучел доколку авторот го напишал на македонски јазик. Не секогаш е најдобриот превод оној што е најбуквален. Понекогаш верноста кон оригиналот бара да се оддалечиме од зборовите за да останеме верни на смислата, чувството и книжевниот ефект. Особено кај дела што доаѓаат од блиски, но сепак различни културни и јазични средини, мислам дека преведувачот има и улога на премостување. Не треба да ги избрише културните особености на оригиналот, туку како да му ги пренесе тие на македонскиот читател на разбирлив начин, а да нема чувство дека чита нешто туѓо и далечно, тоа е вистински предизвик. На крајот, најголемо достигнување за еден преведувач е кога читателот ќе заборави дека чита превод и едноставно ќе ужива во читањето.
Вештачката интелигенција станува сѐ поприсутна и на полето на преводот. Гледате ли некаков потенцијал во неа и дали и на кој начин книжевниот превод направен од човек останува незаменлив?
Вистина е дека вештачката интелигенција е сѐ поприсутна на полето на преводот. Според мене ВИ може да биде само алатка за помагање, но не и да ги замени преведувачот и неговата креативност. Книжевниот превод не е буквален превод туку претставува слобода за креативност, за избор на јазичните средства, за давање душа на преводот, без да се промени суштината, пораката на оригиналното дело, а тоа може да го прави само човекот.
Иако преведувачите се особено важни за да ја приближат светската книжевност до нови читатели, често нивната работа останува незабележлива. Што е потребно да се промени или истакне за тие да добијат поголема видливост и признание за нивната авторска работа?
Мислам дека треба да се промени перцепцијата за преводот. Преведувачот го гради книжевното дело во друг јазик. Затоа, неговото име треба да биде присутно и видливо секогаш кога се претставува книгата. Важно е преведувачот да биде јасно наведен на корицата, во промотивните материјали, во медиумските прилози и на книжевните настани. Поголемата видливост може да се гради и преку книжевни фестивали, разговори со преведувачи, награди, јавни трибини и програми што ќе ја промовираат нивната работа. Книжевниот превод е професија која бара огромно јазично знаење, книжевна чувствителност, културна информираност и многу посветена работа. Токму затоа заслужува поголемо внимание, почит и признание.
Биографија:
Јордана Шемко-Георгиевска е родена во Корча, Р. Албанија, каде што завршила основно и средно образование на албански јазик. Високо образование завршила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, каде што и магистрирала. Работи како преведувач и толкувач од 2001 година. Има преведено низа книжевни дела од албански на македонски јазик: „Секој полудува на свој начин“, том I и том II, од Стефан Чапалику, „Во потрага по изгубената кошула“ од Аријан Лека, „Записите на црвот Смолински“ од Азем Делиу, како и поезија од албански на македонски јазик и обратно. Таа е и лектор на низа изданија на македонски и на албански јазик.
Проектот „Планета НАДЕЖ (Нова европска проза)“ е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
![]()
