Роман за една семејна историја и наследство, генерациските јазови и конфликти, за должностите и личните избори
кон романот „По шините“ од Невена Митрополитска, превод: Душко Крстевски
Пишува: Елена Копртла
„По шините“ на бугарската авторка со канадска адреса Невена Митрополитска е роман за една семејна историја и наследство, генерациските јазови и конфликти, за должностите и личните избори.

Ќустендилска сага
Авторката напишала еден вид мини сага (не случајно главната хероина ја споменува „Сага за Фортсајтови“ од Џон Голсворди како омилена книга во младоста) за едно еврејско семејство од Ќустендил за време на Втората светска војна кои се едни од вкупно педесет илјади бугарски Евреи спасени од депортација. „По шините“ е и роман за три генерации жени од тоа семејство: баба-мајка-внука кои емигрирале во Канада и роман за грешките кои ги правиме како мајки, несигурностa и самообвинувањето.
Во двете паралелни приказни кои постојано менуваат напред-назад и двете раскажувачки Ребека Нисим и Маја, нејзината петнаесетгодишна внука, се запознаваме со детството и младоста на Ребека во Ќустендил и подоцна во Софија, за да стигнеме во Канада, осумдесет години подоцна каде нè води втората заплетна линија во романот.
Авторката во предговорот самата нагласува дека ликовите и имињата се измислени, но „По шините“ раскажува за факти и реалности. Романот е пишуван врз основа на разговорите и интервјуата со преживеани Евреи од Бугарија, како и од истражувањата на документи, музејски архиви, историски публикации и сеќавањата на еден од директните учесници во настаните од 1943 година – Маир Мешулам, роден и израснат во Ќустендил, со кој во реалноста ја делат заедничката судбина на имигранти во Канада.
Во еден дел романот Ребека зборува и за вкупно 7122 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип кои од скопскиот монопол се депортирани и убиени во Треблинка, меѓу нив и нејзината тетка Рози со семејството. Во една сцена од поглавјата пред 1943, кога Ребека со целото семејство се во посета на Рози во Скопје, Ребека раскажува за краткото бегство и лутањето низ скопската чаршија. Како во една секвенца на сон, Ребека бара да ја види Алаџа џамија на Бит Пазар, да ја види магијата и месечината за која ѝ зборува месје Марсел, но се разочарува и на враќање се губи низ сокаците. Во таа сцена и потрагата по вистинскиот пат до дома се наговестува страшната иднина на Рози и скопските Евреи.
„Се загледав во остриот врв на минарето, се обидов да не ги забележувам прашината, мувите, загреаниот камен, да си ја замислат онаа огромна тркалезна месечина, забодена одгоре и ѕвезденото небо, да ја доживеам радоста дека светот сѐ уште ни се крепи, и загриженоста дека е толку кревок. Се загледав во контурите на старата зграда, го барав чудото на месје Марсел, но не откривав ни трага. Тоа живееше единствено во неговите зборови.“ (стр. 80)
Шини и возови
Шините и возовите се симболот кои се константата во приказната на Ребека. Од читањето на „Ана Каренина“, до возовите кои пристигнуваат и заминуваат од Ќустендил додека сè уште живеат во невино време; до шините и коњските вагони од кои удира мирисот на гнилеж и ѓубриво и чија крајна станица се полските логори на смртта, па сè до возовите за Софија и оттаму на бродовите за Израел каде се создава иднината на нејзиното семејство. Последната дестинација на Ребека е новата реалност во Монтреал, Канада, каде што заминуваат нејзината ќерка и внука.
Секоја од трите жени Ребека, Жана и Маја поминуваат низ своја војна, буквално и метафорички. Ребека се бори за физичко преживување во вистинска војна, нејзината ќерка Жана се бори со разводот и новиот живот во непозната земја, додека Маја станува жртва на врсничко насилство, тешко се интегрира и живее далеку од татка си. Авторката допира до чувствителното прашање за булингот во канадските училишта, но оваа тема и во приказната на романот денес е само начната. За разлика од Ребека и Маја, Жана е пасивен лик, медиум, не е директен раскажувач и нејзиниот лик е изграден во односот со нејзините мајка и ќерка.
За Ребека сите патишта кон кои тргнала на крајот водат кон нејзината внука. Во односот меѓу Ребека, Жана и Маја и нивното конечно отворање една кон друга, води кон нивно меѓусебно духовно исцелување, конечна слобода.
„Сите шини се вкрстуваат во Маја. Поради неа товарните вагони заминаа без мене од Ќустендил, поради неа возот ме однесе во Софија, поради неа моите шини се разминаа со оние на Леон, поради неа се вкрстија со шините на Морис, поради неа ја создадовме Жана, поради неа таа се сретна со детиштето. Целото наше минато се слеа во Маја, таа е нашата единствена иднина. Поради неа сум сѐ уште жива.“ (253 стр.)
