„Живо“ новинарство или книга на постоењето?

„Живо“ новинарство или книга на постоењето?

Кон романот „Последниот ангажман на новинарката Кронина“ од Анастасија Пика

Автор: Игор Бондар-Терешченко

Објавено на 23 ноември 2022 година, на книжевниот портал „Буквоїд“

 

„Како и многу други писатели и писателки, не сакам да ме поистоветуваат со главната хероина на овој роман“, забележува авторката. „Алона Кронина е лик создаден од повеќе личности, во нешто посилен, а во нешто послаб од својата авторка. Уверена сум дека секој од вас некогаш имал пријателка или пријател што сакале да го променат светот (а можеби тоа сте биле и вие?)“. Сепак, токму „авторската“ позиција, за која ќе стане збор малку подоцна, го прави романот „Последниот ангажман на Алона Кронина“ од Анастасија Пика сосема актуелно четиво.

Исто така, на почетокот од својата приказна, главната хероина размислува за тоа како и зошто луѓето стануваат новинари. И како, всушност, самата таа влегла во оваа професија. Како во детството правела весник за својата баба, а потоа, веќе како студентка, направила „тематски“ избор – не култура, туку општествени теми. Односно, криминал, како што веројатно претпоставивте. Зошто, ќе прашате? Па затоа што, според мислењето на мнозинството, тоа е поинтересно, поактуелно. Поблиску до вистинскиот живот, на крајот на краиштата. И, за жал, се разбира. „Општо земено, повеќе сакав да пишувам за криминалот: кога ќе станат сведоци на злосторство, луѓето зборуваат многу поживо и поконкретно отколку на изложби.“

Разбирливо е што оваа весела (и не секогаш толку весела) наука е опишана однатре, со живописни подробности, бидејќи станува збор за уметничка проза – одлична, автентична – а не за прирачник по новинарство, во чија форма денес многумина од оние што се занимаваат со пишување почнаа да ги облекуваат своите „работни“ текстови. Демек, текстот пред сè треба да биде комерцијално успешен, исплатлив, односно да има практична корист. А овде, како што ќе видиме, сè е главно од срце и за душа. Патем, тоа е и единствениот вистински пат до „оригиналноста“, бидејќи одамна сме заборавиле дека и нашите класици некогаш имале таков пристап.

„Секое лето во текот на шесте години студирање на Институтот за новинарство го поминував не на море или во Европа, како моите колеги, туку во задушливите киевски редакции, чукајќи на компјутерска тастатура пожолтена од времето, пишувајќи кратки вести за цените на прехранбените производи во супермаркетите или за формирањето територијални подрачни единици на Пензискиот фонд. Од некоја причина, во украинското новинарство токму ваквиот вид работа се смета за најдобра школа за млад новинар.“

За тоа „од некоја причина“, кога станува збор за ваквиот вид „практична“ работа, штотуку зборувавме.

А такви читатели, да додадеме, кај нас има безброј. А колку ли само такви уредници имаме! Токму тие ја обликуваат читателската маса, а кога некој ќе им се види „поинаков“, собираат колективни протестни писма за да издејствуваат отпуштање на таквите неконвенционални поединци, кои всушност го прават печатот вреден за читање. Притоа, овие писма, како што покажува искуството, се две во едно: во горниот дел – дојава, а во долниот – веднаш и пресуда.

Со хероината на нашиот роман, која сменила цел куп редакции, работите стојат малку поинаку. Нејзината „неконвенционалност“ се обликувала самостојно, никој не ја бркал од работа, туку напротив.

„Од некоја причина, секогаш оставав впечаток на сигурна работничка кај раководството“, се доверува таа. „Веднаш ме примаа на работа со цврсто уверување дека ќе работам долго и совесно. Можеби поради мојот добронамерен израз на лицето или големите сини очи – којзнае.“

Но резултатот, како што ќе видиме, бил ист – украинското новинарство се покажало како неинтересно, во него немало „жив“ живот, туку само неговите „технички“ подробности. И тоа не зависело од тематиката.

„Во текот на долгите години работа во различни медиуми“, коментира хероината, „дознав сè што можев за економијата, медицината, информатичките технологии, комуналните проблеми, спортот, туризмот, угостителството, војната, патувањата, револуциите, екологијата, политиката, меѓународните односи – а апсолутно ништо за љубовта, пријателството, развојот на земјата во интерес на граѓаните, чесните политичари и Бога.“

Затоа и не е чудно што „кога ја дознавав вистината, секогаш се обидував да променам сè“, како што ни се објаснуваат основните принципи на „живото“ новинарство. И не е важно на што се однесува тоа – дали на невештите текстови на авторите што треба да се редактираат или на опишувањето на реалноста. Онаа што повеќето новинари, од некоја причина, ја претставуваат како вистинската стварност.

Како и да е, романот „Последниот ангажман на Алона Кронина“ целосно ги разбива сите сомнежи во вистинското писателско мајсторство, нудејќи ни свежа, интересна и актуелна приказна, во која нема место за сивата официјалност, а затоа има изобилство од авантури, хумор, оригинална анализа и вистинска новинарска страст.

Романот се состои од четири дела. Еден од нив е целосно посветен на Мајдан и во него се опишани настаните од ноември 2013 до февруари 2014 година. Во останатите делови се раскажува за авантурите на главната хероина додека работи во различни медиуми, но и надвор од нив. А книгата, во целина, им е посветена на сите украински новинари.

Што се однесува до самата хероина, која се вработува во киевска редакција под строга цензура и целосна контрола на проруски финансиер, за време на Евромајдан таа сфаќа дека повеќе не може да биде дистанциран сведок на настаните и дека сака да се бори против кремљската пропаганда и да им ја кажува вистината на луѓето.

За да не навлегуваме премногу во подробности, ќе кажеме само дека нашата Алона подоцна ќе изгради блескава кариера: ИТ-новинарка, вработена во парламентот, агентка на британската разузнавачка служба МИ6 – и ќе се обиде да ја спречи руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Искрено кажано, тешко е да се поверува дека ова бил нејзиниот последен ангажман.

 

Изворник:
https://bukvoid.com.ua/column/2022/11/23/180640.html

Назад кон блогот

Оставете коментар

Ве молиме имајте предвид дека коментарите треба да бидат одобрени пред да бидат објавени.